Ременски бара одговорност од Спасов и Поповски
Министерката за труд и социјала најави кривична пријава за нејзиниот заменик и возачот поради петочните сообраќајни инциденти со службено возило. АВРМ најавија контра тужба за клевета. Нов заплет на случајот кој крена многу прав во јавноста.

Ременски бара одговорност од Спасов и Поповски за, како што рече, нивното неодговорно и несовесно работење. Повторно побара да дадат оставки на функциите. Министерката изјави дека во Министерството за труд и социјална политика не постоеле документи со кои би се докажале тврдењата на директорот на АВРМ дека постоел договор со кој расположливи службени моторни возила од Агенцијата се ставаат на располагање на Министерството. Според неа, правилникот на АВРМ не дава можност тој да даде овластување за користење на возилата на лица кои не се вработени во Агенцијата.
Со дадените изјави, Ременски прави обид за црна политичка кампања која нема никаква поврзаност со реалните факти, се вели во реакцијата од Агенцијата за вработување.
Ременски е министер кој позади себе има повеќе тужби и кривични пријави отколку реализирани проекти и иницијативи во интерес и корист на граѓаните. Оттука таа нема никаков кредибилитет и дигнитет да бара оставки. Ја повикуваме во рок од 48 часа јавно да се извини за изнесените лаги во спротивно ќе и биде поднесена тужба согласно со законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета- велат од АВРМ.
Ташевска- Ременски дополнително ќе бара од државното правобранителство да ги истражи наводите кои ги изнесе, и очекува тоа да се изјасни за постапувањето на сите инволвирани во случајот. Информираше дека возачот од ресорното бил на боледување од вчера.
Наташа Гркова- Петрушевска
