Откриено ново оружје во Белград, поврзано со оружјето во Јајинци
Синоќа во Белград полицијата открила ново илегално оружје и муниција, поврзани со оружјето откриено претходно во Јајинци. Во автомобил биле откриени автомат, експлозив, детонатор, пиштол со муниција и мобилни телефони.

Според српската полиција, синоќа во гаража во Нов Белград откриен е украден автомобил, во кој имало автомат „хеклер“, 400 грама експлозив, детонатор, два мобилни телефона за далечинско активирање на експлозивот, како и пиштол и муниција. Според локалните медиуми оружјето е откриено во рамки на истргата и е директно поврзано со откриените сандаци со муниција, оружје и минофрлачи во саботата во Јајинци крај Белград, во близина на семејната куќа на Вучиќ.
Украдениот автомобил марка „Рено меган“, во кој е пронајдено дополнителното оружје, бил забележан во саботата во попладневните часови во шумата во Јајинци, во близина на локацијата каде било откриено првото количество на оружје, наведува телевизија „Пинк“.
Министерот за внатрешни работи на Србија, Небојша Стефановиќ, синоќа за РТС изјави дека во истрагата досега се евидентирани 97 „безбедносно интересни лица“, од кои сослушани се 37 од нив. Тој изјави и дека премиерот Вучиќ претпоставува дека цел на нападот бил неговиот брат, Андреј. Според полицијата, ДНК анализата утврдила 3 лица кои имале допир со оружјето од Јајинци.
Според аналитичарите сето ова е низа од настани по прес конференцијата на Вучиќ пред десетина дена на која тој објави дека во Србија има зголемена активност на странски разузнувачки служби, апсењето на лица поврзани со терористичката група во Црна Гора и на висок полицијски функционер-соработник на неименувана служба. Дека во Србија има пропусти во работата на безбедносните служби, потврди и претседателот Николиќ.
Медиумите вчера ја пренесоа изјавата на министерот Вулин кој индиректно ја поврза безбедносната закана во Јајинци со амбасадата на САД во Србија, која остана без коментар на оваа изјава, со напомена дека целта на Америка и Србија е иста- влезот во ЕУ.
Последна вест утринава беше дека премиерот Вучиќ за прв пат не дошол на работа и ги откажал сите активност-што според познавачите претставува преседан.
Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ
