Вардар тргна со победа кон европскиот врв
Ракометарките на Вардар СЦБТ ги отворија натпреварите од главната групна фаза во ЛШ со триумф...

Ракометарките на Вардар СЦБТ ги отворија натпреварите од главната групна фаза во ЛШ со триумф над германскиот претсавник Турингер со 31-25 (16-13). Не изгледаше се така лесно и убедливо долу на теренот како во најавите и прогнозите пред натпреварот. Нашиот првак мораше да одигра максимално и во континуитет подеднакво квалитетно и во напад и во одбрана и со најголема концентрација против упорните и брзи германки , кои без комплекси и почит го одиграа овој дуел против фаворитот.
Избраничките на Индира Кастратовиќ го кршеа отпорот на гостинките речиси цело прво полувреме кое го завршија со три гола позитива ( 16-13 ), откако германскиот состав по 11 минути поведе со 6-4 а до 28-та минута одржуваше неизвесност и резултатска рамнотежа.
По којзнае кој пат Суслина со 18 одбрани, на голот беше инспиратор и предводник на одбраната која во вториот дел решавачка за воведното славје на вардарки во оваа фаза од ЛШ. Македонскиот шампион константно ја зголемуваше предноста и ја намалуваше тензијата околу победникот со зголемување на темпото и со намалување на грешките и кризните периоди. За 8 минути во продолжението на семафорот стоеше 20-14, најголемата разлика и најдобра најава за исходот на мечот.
Во тој период офанзивно одигра на ниво Дмитровиќ, која беше најефикасна во нашиот тим со 6 гола а свој придонес во контранападите кои конечно го разбија противникот имаше и Радиќевиќ која застана исто така на 6 гола. Најефикасна за натпреварот и кај Турингер беше чешката ракметарка Лузумова со 8 гола. Наредната недела во втората рунда полуфиналната група, Вардар СЦБТ му гостува на Савехоф во Шведска.
