Познат идентитетот на загинатите во сообраќајката кај Кичево
Според информациите, автомобил „Форд Ескорт“ удрил во трактор со приколка натоварена со дрва. Силниот удар бил фатален за возачот на Фордот и неговите сопатници, сите од село Колари.

Синоќа тешка сообраќајка на магистралниот пат Гостивар-Кичево, кај село Букојчани. Загинаа три лица, а уште две се повредени. Според информациите, автомобил „Форд Ескорт“ удрил во трактор со приколка натоварена со дрва. Силниот удар бил фатален за возачот на Фордот и неговите сопатници, сите од село Колари.
Од здобиените повреди, на лице место починале Халит А.(16), Адмир В.(19) и Зуфер З.(46), сите од кичевското село Колари. Во сообраќајната незгода, со телесни повреди се здобиле Џ.Ј.(50) од селото Букојчани и А.М.(25) од селото Зајас, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Несреќата се случила кога возило марка „Форд Ескорт“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од сега починатиот Зуфер З. кое се движело по магистралниот пат во правец од Гостивар кон Кичево, директно удрило во приколка од трактор во која се превезувало огревно дрво. Во возилото „Форд Ескорт“, сопатници биле сега починатите Халит А. и Адмир В. Од силинината на ударот, тракторот управуван од сега повредениот Џ.Ј. се откачил од приклучната приколка и излетал надвор од коловозот на десната страна. Во тракторот како сопатник се наоѓал и сега повредениот А.М.
Поради несреќата, сообраќајот на автопатот Кичево-Скопје беше во прекин неколку часа. Издадени се наредби за обдукција на телото на починатиот возач и е земена крв за натамошна анализа од учесниците во сообраќајната несреќа.
Дадени се наредби за технички преглед на возилата и за вршење на сообраќајно-техничко вештачење.
