До ДИК досега пријавени 214 гласачи со спорни записи
Од пријавите за запишување во списокот на 214 граѓани, 161 пријава е прифатена, една е во обработка, а 52 се во фаза на разгледување.

До денеска до 14 часот 214 граѓани, од вкупно 29.858 чии записи по извршените вкрстени и теренски проверки останале неконзистенти, побарале запишување во Избирачкиот список, информира Државната изборна комисија.
Од пријавите за запишување во списокот на 214 граѓани, 161 пријава е прифатена, една е во обработка, а 52 се во фаза на разгледување.
Комисијата информира дека во тек е и пријавувањето за гласање на претстојните избори за граѓаните од странство. Заклучно со денеска до 14 часот преку веб апликацијата на ДИК поднесени се вкупно 5.909 пријави од граѓани за гласање во странство. Од нив, 5.379 пријави се прифатени, 132 се одбиени, а останатите се во обработка.
ДИК напоменува дека најголем дел од одбиените пријави се одбиени од причина што граѓаните наместо документ издаден од надлежен орган на странската држава, како доказ во својата пријава приложиле документ издаден од орган на Република Македонија.
