Мигрантска криза: Да се почитуваат човековите права
Народните правобранители од регионот, претставниците на УНХЦР и меѓународните невладини организации од конференцијата во Охрид упатија порака за почитување на фундаменталните човекови права на бегалците и побараа усогласување на легислативата на сите земји од мигрантаската рута, што ќе помогне во менаџирањето на кризата.

Мигрантската криза предизвикана од бегалскиот бран го стави на вистински тест почитувањето на фундаменталните човекови права. Политиките и активностите што ги преземаа државите како одговор на кризата ја отсликаа немоќта да ја менаџираат и координираат миграцијата, рече Народниот правобранител на Македонија, Иџет Мемети. Во нашата држава има 220 бегалци од кои дел изразиле желба да добијат азил, но сѐ уште се сместени во транзитните центри каде што нема услови за остварување на нивните права.
„Како што беа од почеток има некои подобрувања на условите, меѓутоа сеуште се далеку од тоа што би значело нивниот престој да биде хуман, да имаат можност да ги уживаат сите права, почнувајќи од правото да се разбираат на нивен јазик, од правото да се движат, од правото на здравствена заштита, на бранител“, вели Иџет Мемети, Народен правобранител на Македонија.
Од УНХЦР посочија дека во транзитните центри се држат лица по осум месеци, што според нив не е хумано и побараа што поскоро решавање на овој проблем.
„За поздравување се последните чекори што ги презема власта, а тоа е фактот што вистинските баратели на азил сега се префрлаат од Винојуг во центарот во Визбегово. Инаку не треба да заборавиме дека доаѓа зима и треба престојот во сите центри да се подготви за зимски услови, а ние како УНХЦР ќе помогнеме во тоа“, изјави Мухамед Ариф, раководител на канцеларијата на УНХЦР- Скопје.
Протерувањето на бегалците без соодветна процедура и евиденција е голем проблем, беше речено на конференцијата. Тоа е ризик за нив, но во истовреме претставува и потенцијален безбедносен проблем. Поради тоа беше побарано усогласување на легислативата на државите од регионот што ќе придонесе за подобро менаџирање со кризата.
Сашо Нелоски
