Економски раст од 2,3%, меѓу основното и песимистичкото сценарио

03.11.2016 16:22

Централната банка ги соопшти најновите проекции. Годинава растот на економијата се очекува да изнесува 2,3 проценти, меѓу основното и песимистичкото сценарио, за во идниве две години да достигне 3,5 и 3,7 насто, како резултат на стабилизацијата на политичката ситуација.

Македонската економија годинава ќе ја заврши со економски раст од 2,3 проценти, прогнозира Народната банка. Во следните две години превидува негово забрзување, во 2017-тата да изнесува 3,5, во 2018-тата 3,7 проценти. Во основната априлска проекција, растотот на бруто домашниот производ беше проектиран на 3,5, согласно алтернативното сценарио на 1,6 насто. Брегзит и политичката нестабилност во државава, главни ризици. 

„Оваа година инвестициите потфрлија и тоа е причината зошто имаме помало остварување од она основно сценарио, додека извозот, како што и очекувавме не претрпе некои поголеми последици од домашната политичка криза. Наредната година и 2018-та очекуваме инвестициите и извозот да продолжат да бидат главни носители на растот. Ние ги имаме в предвид сите инвестиции, и странски и домашни, и јавни и приватни. Општиот амбиент кој го имавме оваа година не беше најсоодветен и тој влијаеше на довербата на инвеститорите. Инвестициите имаат пораст, но не е онакво каков што можеше да биде и каков што очекувавме дека ќе биде“, образложи гувернерот Богов.

Стапката на инфлација во 2016-та, со блага надолна корекција, изнесува 0, наспроти очекуваната априлска од 0,5 проценти. Проектирано забрзување на растот на цените и инфлаторна стапка, в година од 1,3, во 2018-тата од 2 проценти. Ризиците гувернерот ги поврзува со увозните цени. Од Централната Банка очекуваат забавен депозитен раст годинава, да се сведе на 2,6 насто, со закрепнување на економијата да забрза до околу 7,5 проценти.

Банкарскиот систем оценет како стабилен, ликвиден, способен да се справи со шокови. Предвидено кредитниот раст да се позиционира на 5,6, да се подобрува на 6 до 7 проценти на годишно ниво. По последните податоци за износот на јавниот долг кој достигна 50,6 насто од бруто- домашниот производ, првиот банкар во државава, со став:

„Јасно е дека на Македонија и треба фискална консолидација и стабилизирање на нивото на јавниот долг“.

Ризиците постојат, надворешниот амбиент по Брегзит- неповолен, внатрешното опкуружвање неизвесно, економските основи се солидни, трендовите во третиот квартал стабилни- резимираше гувернерот по последната ревизија на макроекномските проекции.

 

Сузана Фиданска- Стоевска