Американски „Леар“ ја отвори фабриката во зоната во Тетово

03.11.2016 16:46

Отворен е нов капацитет на американската компанија „Леар“ во зоната во Тетово. Инвестицијата е 15 милиони евра. Во фабриката во моментов работат 520 луѓе, за две години, вкупниот број на вработени се проектира на 2 илјади луѓе, со можност за понатамошно зголемување.

Македонија и новата фабрика на американската корпорација „Леар“ изградена во слободната економска зона во Тетово се 36-тата дестинација во светот во кој работи капацитет на оваа компанија. Се произведуваат навлаки за седишта што се вградуваат во 350 типови автомобили. „Леар“ се вбројува меѓу светските лидери за производство на навлаки за луксузни типови возила со високи перформанси на „Јагуар“ и „Лендровер“.

„Во овој случај имаме една инвестиција од 15 милиони евра со околу 520 вработени, а до почетокот на 2018-та капацитетот треба да достигне 1500 вработени,со план тој број компанијата да го прошири до 2.500 односно 3.000 вработени“, изјави министерот за привлекување странски инвестиции, Веле Самак.

Според Самак годишно од оваа фабрика во западно европските земји ќе се извезуваат навлаки во вредност меѓу 40 и 50 милиони евра. Објектот на новата фабрика е инвестиција на компанијата „Нормак“ која управува со зоната во Тетово, а „Леар“ ја користи по принципот на долгорочен лизинг.

„По договорот со Леар за кратко време инвестиравме 10 милиони евра во нов објект во зоната и ги надминавме сите проблеми кои се појавија“, вели Аки Стем, директор на „Нормак“.

„Изборот на Макеоднија како дестинација за инвестирање беше вистински потег, затоа што сме задоволни со бизнис климата и со квалитетот на работната сила која што е ангажирана“, изјави Свен Дам, потпретседател на „Леар“ за Африка и за Европа.

Годинава во земјава влегле странски инвестиции вредни 123 милиони евра, изјави министерот за економија Дритон Кучи, што е за 14 милиони повеќе во однос на лани.

Досега во фабриките на странските инвеститори работно се ангажирани 11.300 вработени, кои годишно во просек продуцираат 73.000 евра БДП по вработен.

 

Свето Николовски