Литхман: Трамп ќе победи на изборите во САД

04.11.2016 10:32

Доналд Трамп ќе победи на претседателските избори во Соединетите Американски Држави, предвидува американскиот професор Ален Литхман, којшто од 1984-та година точно го предвидува исходот на претседателските избори во САД.

Нов американски претседател ќе биде Доналд Трамп, предвидува американскиот професор Ален Литхман, којшто од 1984-та година наваму, точно го предвидел исходот на претседателските избори во Соединетите Американски Држави. Во предвидувањето дадено пред обвинувањата од група жени против Трамп и пред ФБИ да ја обнови испрагата против Хилари Клинтон, професорот Литхман во интервју за „Вашингтон Пост“ вели дека иако Клинтон води на национално ниво, сепак Трамп ќе биде следниот американски претседател.

„Пресудата на историјата што е една од главните мои тези вели дека оваа е годината кога демократите ќе ја изгубат Белата куќа. Но исто така во интервјуто за „Вашингтон Пост„ посочив дека за првпат во историјата со Доналд Трамп ќе имаме кандидат којшто ќе ја промени историјата од 1960ите години наваму“, изјави Ален Литхманпрофесор на Американ универзитет во Вашингтон.

Литхман останува на своето предвидување за тесна победа на Трамп на изборите, објаснувајќи дека неговото мислење се базира на одговори на 13 прашања клучни за шансите на двајцата претседателски кандидати. Во Америка се појавуваат и други предвидувања, според кои Трамп ќе освои над 270 електорални гласови од американските сојузни држави и со тоа ќе стане нов американски претседател.

Доналд Трамп не се изјасни дали ќе ги признае резултатите од претседателските избори во САД.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ