Од 15-ти декември во оптек нови банкноти од 200 и од 2.000 денари
НБРМ информира дека одлуката за издавање книжни пари во апоени од 200 и 2.000 денари е произлезена од реално согледаната потреба за ребалансирање на постоечката апоенска структура на книжните пари во оптек.

Народната банка на Република Македонија од 15-ти декември годинава ќе ги пушти во оптек книжните пари во апоени од 200 и 2.000 денари, а истовремено ќе ги повлече од оптек банкнотите од 5.000 денари.
НБРМ информира дека одлуката за издавање книжни пари во апоени од 200 и 2.000 денари е произлезена од реално согледаната потреба за ребалансирање на постоечката апоенска структура на книжните пари во оптек.
Постоечката апоенска структура на книжните пари што се во оптек од 8-ми септември 1996-та година до денес нема претрпено промени и воведувањето на овие два нови апоена претставува прва промена којашто се спроведува по период од 20 години. Ваквата одлука е донесена врз основа на истражувања и анализи на сите постоечки фактори, при што се утврди дека постојат реални потреби за воведување на двата нови апоена. Воведувањето ќе овозможи зголемување на понудата на апоените што се на располагање при вршење готовински трансакции, а како секундарен ефект се очекува урамнотежување на побарувачката за одредени деноминации, појаснуваат од НБРМ.
Додаваат дека искуствата покажуваат и дека, во одредени случаи, потребно е да се елиминира некоја од деноминациите со цел структурата на деноминации да стане покомпактна.
Книжните пари со апоенска вредност од 5.000 денари не се прифатени од пошироката јавност заради нивната висока номинална вредност, ограничена е застапеноста при вршењето на готовинските трансакции и размена, првенствено во трговијата. Нивната примена во секојдневните трансакции е незначителна, велат од НБРМ.
