Турција: Уапсени двајцата лидери на турските Курди
Турските власти ја обвинуваат партијата дека има врски со милитантната група на забранетата Курдска работничка партија, која во Турција, САД и ЕУ се третира како терористичка.

Двајцата потпретседатели на Курдската народна демократска партија синоќа биле уапсени, заедно со уште девет други пратеници на партија. Тие биле уапсени во текот на една, како што е соопштено, обемна „контра-терористичка“ операција, во чии рамки бил извршен и претрес во просториите на поартијата во центарот на Анкара.
Турските власти ја обвинуваат партијата дека има врски со милитантната група на забранетата Курдска работничка партија, која во Турција, САД и ЕУ се третира како терористичка.
Неколку часа по апсењето, Турција го блокираше пристапот до социјалните мрежи „Твитер“ и „Ватс-ап“. Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Могерини изјави дека Унијата е длабоко загрижена поради апсењето на лидерите и пратениците на прокурдската Демократска партија на народите во Турција, поради што ја контактирала Анкара.
„Ако ова го наречеме апсења, изгледа дека судскиот механизам работи и дека ја дал својата пресуда. Апсење е легален термин. Нема ништо легално овде. Ова е киднапирање. Ова е ситуација со заложници“, изјави Селахатин Демиртас, лидер на ХДП.
„Денеска уште еднаш велиме, тргнете ги рацете од нас и нашата слободна волја. Ние ја имаме моќта и храброста да се спротивставиме“, рече Фиген Јуксекдаг, ко-претседател на ХДП.
Курдската народна демократска партија за прв пат влезе во турскиот Парламент минатата година, откако на изборите освои 59 пратенички места, со што стана трета по големина политичка сила. Партијата е постојано изложена на притисоци и обвинувања за врски со терористите од ПКК. Само три месеци по влегувањето на ХДП во Парламентот, беше подметнат пожар во седиштето на партијата во Анкара.
Инаку во Турција на сила е вонредна состојба, што е воведена по неуспешниот државен удар во јули оваа година, што им дава право на претседателот Ердоган и на неговата влада да донесуваат закони и прописи и да суспендираат човекови права и слободи без согласност на Парламентот.
Турските политичари имаат имунитет од обвинувања, но со посебна одлука од почетокот на оваа година, тоа не се однесува и за курдската ХДП и за нејзните пратеници и функционери.
Во меѓувреме, најмалку осум лица, меѓу кои двајца полицајци загинаа, а над сто беа ранети во денешниот напад со автомобил- бомба во југоисточниот град Дијарбекир. Во нападот загинал и еден терорист, а направена е и материјална штета.
Марина Автовска
