Големите сили ги покажуваат мускулите и на Балканот

04.11.2016 14:56

Црна Гора 2016 или Словенско братство исто така 2016. Две различни воени вежби, првата на Алијансата, втората на Русите, Србите и Белорусите. Едната во Црна Гора, втората во Србија. Случајност на временско одржување или покажување подготвеност за справување со елементарните катастрофи и тероризмот.

Балканот е загатка, која повторно може да зоврие. Од југот до северот на полуостровот се случуваат политички кризи, референдуми, преку ноќ полноправни членства во блокови. Во политичко-безбедносниот вакуум, овојпат , воените машинерии на Русија и САД, преку воените вежби, се приближија на стотина километри долж Црногорско-српската или пак границата со Република Српска. Напролет, Црна Гора се етаблира во Алијансата, иако процентуално има голем број противници, а тука е и нерешениот спор на имотот и диоцезата на Српската црква. Но, државната политика е неумолива.

„Кога имавме тешки состојби во 2012-та, во двете вонредни состојби имавме помош од НАТО и од земјите во регионот. Оваа вежба се одржува во време кога Црна Гора е на прагот на членството во НАТО и затоа има посебно значење“, вели Филип Вујановиќ, претседател на Црна Гора.

„Вежбата покажува дека НАТО не е само одбрана, туку и јавна безбедност, подготвеност да се одговори на природните катастрофи“, изјави Роуз Готемелер заменик генерален секретар на НАТО.

Прва мисија воопшто на новата заменичка на Столтенберг беше посетата на Црна Гора за да се надминат разликите во земјата по поканата на НАТО. Наспроти, дефинирањето на руската стратегија спрема Србија, но и во регионот, преку вежбата на српската, белоруската и руската војска е своевиден инструмент на одвраќање. Замисленото сценарио е справување со терористички напади.

„Целта на оваа вежба е подигање на борбената и на оперативната подготвеност, пред се, за противтерористички дејства“, изјави Зоран Величковиќ командант на Специјалната бригада на војската на Србија.

„Воздушно-десантните сили на Русија се способни во било која точка на светот и во кој и да е момент да ги исполнат задачите со највисоки оценки“, изјави Олег Пољгујев, заменик-начелник на Штабот на воздушно-десантните сили на Руската војска.

Црна Гора и Словенско братство, две вежби на крајно конфронтираните страни, првата против катастрофите, втората против тероризмот. Русите и Американците се позиционираат крајно блиску на одредени невралгични точки на потесниот Балкан, враќајки го во зоната на влијанијата на големите сили. Доколку некогаш воопшто не бил?!

 

Зоран Богатинов