Југохром: Печките згаснати, комбинатот не работи

04.11.2016 15:06

Згасна и последната печка на Југохром, а работниците заминаа дома. Се очекува одлука на менаџментот за износот на надоместокот што ќе го добиваат, најави синдикатот.

Нешто пред полноќ згасна и последната печка во Југохром, од Управата соопштија дека денеска ќе престане и производството. Ова е последен работен ден за околу 700 вработени во комбинатот.

Еден по еден, работниците го напуштаа објектот. Разочарани се од одлуката на Државниот испекторат за животна средина да го затвори комбинатот кој според нив не го загадува Тетово. Велат, депонијата го гуши градот под Шара. Бараат од Владата што е можно поскоро да го реши проблемот, за како што велат, да не останат на улица затоа што друг приход немаат.

„Тетово е сѐ позагадено, а Југохром не работи, жалосно, што ќе правиме без пари дома“, вели вработен во Југохром.

„Нас на работниците ни е многу тешко, во овој период зимски. Да не работи Југохром е жалост за сите во околината, тука работиме 700 работници и бараме Владата да најде начин побргу да се пушти фабриката“, изјави Шесивар Муареми,  вработен во Југохром.

„Ниту еден не праша вработените внатре што прават, како живеат тие. Како тие не умреа, туку некои други во Тетово. Кога би бил Југохром загадувач, овде не би имало живот, не би имало население“, вели Бошко Стевановски, вработен во Југохром.

Директорот на Југохром, Скендеровски вели дека постапиле согласно одлуката на инспекторатот. Печките се изгасени, комбинатот не работи. Уверува дека и натаму ќе се работи на исполнување на еколошките задачи дадени од инспекторатот.

„Се договоривме дека ќе продолжиме со несмален интензитет да работиме на полето на исполнување на задачите од А-интегрираната дозвола, популарно наречено поставувањето на филтри“, изјави Васко Скендеровски, генерален директор на Југохром.

Управата денеска ќе се сретне со синдикатот на Југохром. Работничкиот лидер се надева дека ќе се донесе решение во нивна корист.

„Што сега со вработените? Нема да останеме мирни, нема да ги оставиме луѓето без проходи. Трошоци има секојдневни, тие се фамилијарни луѓе. Мора да се најде начин, решение за да се обештетат вработените“, изјави Бајрам Амити претседател на синдикатот на Југохром.  

Југохром со години важи за еден од најголемите загадувачи. Во решавањето на проблемот ќе се вклучи и американски експерт. Ова вчера го договорија министерот за животна средина Амети и заменик- амбасадорот на САД во Македонија, Микаела Швајцар Блум.

 

Викторија Милевска