Македонија доби уште една условена препорака
Македонија доби уште една условена, и осма по ред, препорака за отворање на преговорите за членство во ЕУ. Во годинашниот извештај за наредок, како предуслов за прогрес во евроинтеграциите се наведени целосното исполнување на договорот од Пржино, како и спроведувањето на фер избори и на итните реформски приоритети од ЕК...

Европската комисија ја повтори условената препорака за членство на Македонија во Европската Унија. Еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, кој го презентираше извештајот, рече дека земјава мора да ги исполни сите услови предвидени со Договорот од Пржино и препораките од Рајнхарт Прибе. Хан потенцира дека фер и кредибилни избори се исклучително важни.
„Сѐ уште постои политичка криза иако беа направени позитивни чекори. Лидерите имаат шанса да ја надминат кризата и да ги адресираат системските проблеми. Треба да се спроведат веродостојни избори. Македонија, како и Србија, играше голема улога во мигрантската криза и соработуваше со земјите-членки и со соседите. Евопската комисија ја задржува препораката од минатата година, но ја услoвува со целосно спроведување на Договорот од Пржино и итните реформски приоритети“, изјави еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан.
Извештаите за државите кандидатки беа презентирани во Комисијата за надворешна политика на Европскиот Парламент. Во расправата, известувачот за Македонија Иво Вајгл рече дека стартната позиција за земјава се предвремените избори.
„За Македонија, сакам да потенцирам дека сѐ зависи од изборите на 11-ти декември и од спроведувањето на договорот од Пржино и документите кои беа прифатени од сите партии во последните две години“, рече Вајгл.
Европратеникот од редовите на социјал-демократите, Кнут Фленкештајн посочи дека мора да има поддршка на Специјалниот обвинител и затоа го поздравува барањето за продолжување на периодот на мандатот за обвиненија.
„Специјалниот јавен обвинител мора да си ја заврши работата и потоа да прикаже што е сработено. Важно е сите да се однесуваат одговорно и професионално. Состојбата не е лесна за земјата и за некои клучни луѓе во земјата. Сите треба да се свесни и одговорни и меѓусебно да си ја почитуваат работата“, рече еврокомесарот Хан.
Во однос на другите држави кандидатки, Албанија доби препорака за отворање на преговорите за членство условена со судски реформи. За Турција критики во однос на владеењето на правото. Преговорите со Црна Гора продолжуваат, а Србија ги отвори првите четири поглавја од преговорите, вклучително и оние за нормализација на односите со Косово. Босна и Херцеговина има прогрес во клучните области, а Косово треба да спроведе реформи во владеењето на правото и економијата, стои во рапортот на Еврокомисијата. Генералната оценка на еврокомесарот Хан е дека кај одредени слабее функционирањето на демократските институции.
Кај повеќето е регистриран напредок во економската состојба, но тој ги критикуваше слабото административно менаџирање и невработеноста кај младите. Земјите од Западен Балкан и Турција добија пофалби за затворањето на мигрантската рута што драстично го намали бегалскиот бран.
Според најавите, следниот извештај за земјите на Западен Балкан и Турција ќе биде објавен напролет во 2018 година.
