Поинтензивна трговска соработка со Русија

09.11.2016 14:48

Ќе се потикнува соработката меѓу Македонија и Руската Федерација во трговијата, туризмот и индустријата. Преку репортажи во Русија ќе се промовираат македонските природни убавини. На рускиот пазар најбарани македонското вино, млечните и производите од конзервната индустрија.

Македонија широко ги отвора вратите за руските компании и туристи. Првите се очекува да пристигнат во март, идната година велат од Македонско- руската стопанската комора. Руски телевизиски екипи веќе се на терен. Преку репортажи ќе ги претстават убавините на земјава и нашата гастрономија. Можности има и за кооперативна соработка но и за руски инвестиции.

Ина Владимировна Жарова е претставник на московска компанија која ќе посредува за да се забрза соработката на бизнисмените од двете држави.

За зголемен број руски туристи потребна е директна авионска линија. Сега таа бројка не е ниту еден процент од вкупниот број гости.

Менаџментот на „Македонски дом“ во наредните денови ќе посети македонски компании- производители на вино и алкохолни пијалоци, туристички компании, ресторани, кои би можеле да бидат интересни за посета на руските туристи.

Во однос на пласманот на македонски производи на големиот пазар, од заедничката стопанска комора велат дека барани се виното и ракијата, млечните и производите од конзервната индустрија.

Трговската размена годинава заклучно со септември со Руската Федерација изнесува 129,5 милиони американски долари и бележи пад од 12,2 проценти.

 

Дијана Ценевска