Уапсени две лица од Скопје за тероризам и поврзаност со ИСИС
Директорот за јавна безбедност во МВР, Митко Чавков денеска изјави дека две лица, македонски државјани биле приведени на 4-ти и на 9-ти ноември годинава во Арачиново и во Косово и дека тие се обвинети за кривично дело „тероризам“. Има разузнавачки информации дека тие подготвувале терористички напади на територијата на Република Македонија.

Две лица на возраст од 23 и 24 години од Скопје се уапсени поради инволвираност во подготвување на извршување кривично дело „тероризам“ и за поврзаност со повратници од ИСИС, информира денеска директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков.
Министерството за внатрешни работи како дел од поширока регионална оперативна акција во борбата против тероризмот на 4-ти овој месец по претходно издадени наредби извршени два претреси од кои едниот во Скопје, а другиот во с. Арачиново. За време на извршените претреси пронајдено и обезбедено е 24 годишното лице од село Арачиново, додека второто лице е приведено на Косово, рече Чавков на прес-конференција во МВР.
Посочи дека против лицето е поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тероризам“ по член 394-б од Кривичен законик на Република Македонија при што од страна на судија за претходна постапка изречена му е мерка притвор во траење од 30 дена.
Нивните цели беа преземање на конкретни терористички акти на територијата на Македонија. Намерите и интенциите на оваа структура се осуетени со навремено добивање на разузнавачки информации, рече директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков.
