Божиновски: Против мене се води политички монтиран процес
Судење на новинарот Зоран Божиновски во скопскиот Кривичен суд. Тој се товари за злосторничко здружување, шпионажа и за уцена. Изјави дека станува збор за политички монтиран случај, во кој не постојат докази. Претходно на два пати Божиновски беше предупредуван од судот поради навреди за што беше казнет со 2 илјади евра во денарска противредност.

Не сум уценувал, ниту сум изнудувал пари. Бизнисменот Минчо Јорданов во пет наврати доброволно ми исплати 30 илјади и 500 евра. Нема докази дека сум продавал државни тајни на странски служби, ниту дека сум бил член на злосторничко здружување. Ова го изјави во судница новинарот Зоран Божиновски. Тврди дека против него се води политички монтиран процес и дека е срочено, како што вели, празно обвинение за да биде држен во притвор.
На денешната главна расправа, новинарот Зоран Божиновски два пати беше парично казнет за навреда на судот. Првиот пат рече дека судот бил гладен за пари, а вториот пат изјави – ова не е судница, ова е лудница. Божиновски за овие навреди треба да исплати 2.000 евра.
На Божиновски му се суди по истото обвинение како и на останатите обвинети во случајот „Шпион“, но во посебна постапка затоа што пред екстрадицијата од соседна Србија, долго време беше недостапен за полицијата. На следното рочиште закажано за идниот месец како сведок ќе биде повикан и бизнисменот Минчо Јорданов кој своевремено пред судот изјави дека Божиновски му се заканувал дека ќе објави текстови во кои неговата сопруга ќе ја претстави како трговец со органи, а ќерката како член на кокаинска мафија.
На стартот на рочиштето Божиновски тврдеше дека не го разбира обвинителниот акт, затоа што, како што рече, ако му се суди во рамки на случајот „Шпион“ овој предмет требало да преземе Специјалното обвинителство. Ако пак е посебен случај, рече Божиновски, требало да биде ослободен, затоа што, како што изјави, од Србија бил екстрадиран само за судење во рамки на предметот „Шпион“.
Анита Димитријевска
