Врачено признанието „Повелба на Република Македонија“ на Инженерската институција на Македонија

10.11.2016 14:47

Седум децении од основањето на оваа висока професионална и научна организација...

Претседателот Иванов го додели признанието „Повелба на Република Македонија“ на Асоцијацијата на здруженија на инженери за постигнатите резултати во развојот на науката и новите технологии во сите инженерски дисциплини. Седум децении од основањето на оваа висока професионална и научна организација.

„Во изминатиот четврт век, светот постигна досега незабележан технолошки напредок и развој. Нема ден, а да не дознаеме за некое ново научно откритие. Колку подлабоко навлегуваме во новата епоха на нови пронајдоци, но и на нови предизвици, толку повеќе се зголемува и потребата за компетентен и компетитивен научен кадар. Не е доволно Македонија да биде само корисник на научните пронајдоци и техничките решенија од светот. За да можеме да обезбедиме раст на нашата економија и напредок на нашето општество, потребно е и ние да сме дел од тие решенија“, рече претседателот Иванов.

Од името на 17-те здруженија кои ја сочинуваат Асоцијацијата се заблагодари професорката Христина Спасевска, претседател на Инженерската институција на Македонија, која посочи дека иако признанијата значат потврда за минат труд, во суштина тие претставуваат поттик и одговорност да се продожи понатаму во создавањето на нови вредности.

Предизвиците се големи, покавлитетно образование, светски препознатлива наука, изградба на нови стратешки објекти – патишта, фабрики и електрани, енергетски ефикасни згради, подобри закони, создавање услови за задржување на младите инженери, кои несомнено се конкурентни на меѓународниот пазар на трудот, рече Спасевска.