Цели за одржлив развој до 2030-та
Што треба да направи Македонија во наредните 15 години за да ја искорени сиромаштијата и да обезбеди пристоен живот за сите граѓани, е еден од клучните предизвици на кој ќе се фокусира дводневната работилница за усогласување на Целите за одржлив развој на Обединетите нации со националните стратегии и политики.

До 2030-та во светот треба да биде реализирана амбициозна агенда на Обединетите нации за одржлив развој. Со неа треба да се стави крај на сиромаштијата, борбата против нееднаквоста и справувањето со климатските промени, цели договорени на самитот на светските лидери во септември 2015-та. Денешната прва консултативна работилница со учество на сите релевантни институции треба да помогне во градење соодветни политики и мерки за реализирање на поставените цели во земјава.
„Навистина очекуваме во овие два дена да утврдиме можности за натамошна работа, со што ќе помогнеме државата да ги постигне овие цели за одржлив развој преку усогласување на националните стратегии, и сметаме дека ова ќе го даде патоказот за активностите што треба да се споведуваат во наредните 15 години. Ќе се фокусираме на оние на кои најмногу им треба помош, на оние кои што се во најлоша ситуација“, изјави Луиза Винтон, постојан координатор на ООН во РМ.
Целите за одржлив развој беа усвоени од сите 193 држави членки на Обединетите нации, потсети Винтон и тие претставуваат една агенда која треба да придонесе за подобар свет, односно да се бори против сиромаштијата, климатските промени, родовата нееднаквост, односно да придонесе за подобар свет во иднина.
„Дефинирање на цели и чекори што треба Македонија како држава да ги направи во наредните 15-20 години, со цел да дојдеме до една ситуација да се искористи целосно сиромаштијата. Секој член на ова општество да има пристојни услови за живот, но и да созадеме атмосфера, да создадеме еден систем што ќе служи на генераци и генерации напред“, рече Владимир Пешевски, вицепремиер и национален координатор за одржлив развој.
Активностите во земјава ги помагаат специјализираните агенции на ООН кои заедно со соодветните домашни институции и 9-те национални консултанти треба да направат анализа на специфичните цели за одржлив развој. Првата дводневна консултативна работилница треба да помогне во усогласување на националните стратегии со целите за одржлив развој и да креира патоказ кон целите кои треба да ги постигне државата до 2030-та.
Свето Николовски
