ЕК го ревидира растот на македонската економија

10.11.2016 16:11

Европската комисија го ревидира растот на македонската економија за в година од 3,7 на 2,1 процент. Влијание за ова има политичката криза. Економскиот раст во Еврозоната ќе биде 1,7 насто. Грција е единствената држава која ќе биде во рецесија.

Со намален раст на бруто домашниот производ 2,1 наместо проектираните 3,7 проценти, македонската економија ќе ја заврши годинава– во есенската проекција нотира Европската комисија. Оценува, политичката криза и поплавите имаат силно влијание на буџетската каса

„Среде продолжена политичка криза, економијата во земјата се ширела со побавно темпо во првата половина на 2016-та година. Растот на производството е проектиран да се зголеми врз основа на растот на инвестициите во 2017-та година, како и на робустната потрошувачка на домаќинствата, под услов политичката криза да заврши. Ова се предвидува да биде поддржано од страна на продолжениот фискален стимул“- се наведува во извештајот.

Еврокомисијата додава, плановите на Владата за фискална консолидација се повеќе и повеќе таинствени, со оглед на недостататок на утврдени мерки и повторливи фискални излети. Сериозно намалување на невработеноста која сега изнесува 24,4 проценти до рекордни 22% во 2018-тата, паралелно раст на вработеноста, очекува официјален Брисел.

Во проекциите како проблематичен го најавува зголемувањето на јавниот долг, кој годинава изнесува 40,5 проценти, во наредните две години прогнозираат да порасне до 43 насто, за 17 проценти понизок од определениот минимум од 60 насто, зацртан на ниво на Европа.

Некои дополнителни трошоци се пренесуваат и следната година. Дефицитот за 2016-та може да остане под целта, Владата планира да го намали на 2,2 насто до 2019-тата, но велат од Комисијата- ова се чини нереално наспроти конкретните мерки за консолидација. Во Еврозоната, пак, економскиот раст ќе достигне 1,7 насто, во 2017-та Брегзит и зголемената волатилност ќе го успорат на 1,6 процени- прогнозира Комисијата.

Според оваа прогноза на Европската комисија, Грција е единствената држава во Европа што и годинава ќе биде во рецесија, -3% на БДП, додека најголем раст ќе има Ирска, +4,9% на БДП.

 

Сузана Фиданска- Стоевска