Две лица од Скопје уапсени за тероризам и поврзаност со повратници од ИСИС
Двајца Скопјани уапсени за тероризам и поврзаност со повратници од ИСИС. Едниот е фатен во Арачиново од македонската полиција, вториот го уапсиле косовските власти.

Двајца Скопјани се уапсени за тероризам и поврзаност со повратници од ИСИС. Од македонската полиција велат дека едниот е фатен во Арачиново, а другиот паднал во рацете на косовските власти. Регионалната акција за нивно лишување од слобода следела по разузнавачки информации за нивна инволвираност во подготовки на терористички акт. Имало доволно докази, вели директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, за што следела и акцијата за превенирање и борба против тероризам.
„Нивните цели беа преземање на конкретни терористички акти на територијата на Македонија. Намерите и интенциите на оваа структура се осуетени со навремено добивање на разузнавачки информации“, изјави Чавков.
На 24- годишниот Скопјанец кој е уапсен во Македонија, судија на претходна постапка му одредил 30 дена притвор. Ќе одговара за кривично дело „тероризам“. Во неговиот дом полицијата пронашла и одзела мобилни телефони, сим картички, фотоапарати , компјутерски куќишта, таблет, УСБ и разна документација.
Македонската и косовската полиција треба да се договорат дали лицето приведено на Косово ќе и биде предадено на државава веднаш или ќе му се одреди екстрадициски притвор.
Наташа Гркова- Петрушевска
