Надеж за Катерина Јованова
Четириест годишната Катерина Јованова е лице со церебрална парализа. Неодамна од Заводот за вработување ја известиле дека е пуштен оглас...

Четириест годишната Катерина Јованова е лице со церебрална парализа. Неодамна од Заводот за вработување ја известиле дека е пуштен оглас за вработување на 300 лица со хендикеп. Решила да си ја проба среќата, иако досега и ја немала многу. Таа дипломирала на Правниот факултет во Скопје во 1999-та година и од тогаш е без работа.
Катерина јованова работела волонтерски во адвокатска канцеларија 2 години, потоа во јавното обвинителство, па во Катастарот на Град Скопје, но решение за работа не добила во ниедна од службите. Надлежните немале разбирање за нејзиниот телесен хендикеп. Вели дека лицата за хендикеп се способни да придонесат за државата.
Ова е прв конкурс за лица со хендикеп од осамостојувањето на Македонија, вели Катерина. Раскажува дека вчера случајно пребарувала на интернет и ја видела информацијата на сајтот на Македонски Шуми.
„Најпрво не го видов своето име и си реков повторно не успеав, но решив повторно да го отворам сајтот и за среќа се пронајдов. Кога го видов своето име, не ми се веруваше“, зборува со солзи во очите Катерина.
„Се чувствувам работноспособна. Човек се чувствува исполнето кога оди на работа. Стекнува нови пријателства. Дома не се седи затворен во еден круг без излез“, вели Катерина.
Таа вели дека отсекогаш имала желба да работи со предмети од кривично право. Но, сега и да не го работи тоа, ќе биде среќна да работи било што и да ги почувствува благодетите од она што го вложувала во себе.
Александра Перевска
