Продолжуваат протестите против Трамп

11.11.2016 13:15

По средбата со Барак Обама, нареден чекор е дефинирање на составот на новата влада која, според аналитичарите, ќе ги опфати најлојалните поддржувачи на предизборната кампања на Трамп.

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ги почна разговорите во Белата куќа за преземање на власта од сегашната администрација. По средбата со Барак Обама, нареден чекор е дефинирање на составот на новата влада која, според аналитичарите, ќе ги опфати најлојалните поддржувачи на предизборната кампања на Трамп.

Средба одржаа и потпретседателот Бајден и неговиот наследник Мајк Пенс. Во однос на приоритетните задачи кои демократот Бајден му ги предава на републиканецот Пенс, посебен акцент бил ставен на односите со НАТО и со Источна Европа.

Клучните обврски ја опфаќаат и состојбата на средната класа во САД која треба да се подобри во новата администрација. Инаку, протестите против Трамп продолжија и втор ден по ред. 

„Овде сум зашто имам одговорност како бела жена од САД. Имам обврска да зазезам став и за себе и за другите кои се засегнати од власта на Трамп. Не постои оправдување за оние кои се рамнодушни.“

„Шокирана сум од избориве. Луѓето ги изразуваат бесот и емоциите, шокот низ кој минуваме сите. Одлично е што сме вака сплотени“, велат дел од демонстрантите.

Полицијата во Портланд мораше да интервенира за да ги смири агресијата и вандализмот. Демонстрации против Трамп се најавени и во текот на претстојниот викенд.