Партиите се против насилство на изборите, но сѐ уште не го потпишале Кодексот

11.11.2016 15:01

Политичарите се против насилствотo на изборите, но како што велат, поради партиски обврски сѐ уште не го потпишале кодексот, изготвен од граѓанскиот сектор. Од МВР сѐ уште се прават проценки, колку полицајци ќе бидат на терен.

Без превенција од насилство на изборите нема да има фер, демократски и кредибилни избори, предупредува членот на ДИК, Субхи Јакупи. Според досегашните искуства надлежните нерегуларности се прават пред одржување на изборите, но многу повеќе на денот на гласањето. Јакупи наведува 40 можни начини да се прават нерегуларности. Вели на овие избори треба да ги исклучиме таквите работи, бидејќи овие избори се значајни за Македонија.

Членот на ДИК додава и дека треба да се внимава некој од учесниците да не почнат прерано со кампања, а соработката меѓу институциите е од клучно значење. Јакупи имаше забелешка за обвинителството бидејќи не ги процесуирало предметите кои биле оформени од ДИК и МВР.

За да се спречи насилството во изборниот процес, невладиниот Македонски центар за култура и развој им понуди на учесниците декемвриските избори да прифатат Кодекс. Го поддржаале сите политички партии. Се очекува сите да го потпишаат до почнување на кампањата.

 

Наташа Јанчиќ