Интеграциите ќе ги подобрат меѓуетничките односи
84 насто од граѓаните на Македонија сметаат дека евроатлантските интеграции на земјава ќе имаат позитивно влијание врз меѓуетничките односи, покажало истражувањето на Евроатлантскиот совет. Сѐ уште е висок процентот на оние, кои се изјасниле позитивно за нашето членство во ЕУ и во НАТО.

Различни според религијата, националноста и возраста, исти според определбата за членство во НАТО и во Европската унија. Истражувањето на Евроатланскиот совет потврдува дека речиси 85 проценти од граѓаните очекуваат подобри меѓуетнички односи со влезот на земјава во евро-атланските структури, вели првиот човек на советот, Исмет Рамадани.
Големо изненадување е отстапувањето кое се појавува кај медиумите мониторирани од Советот во периодот кога се навестуваа предвремените јунски избори, посочи раководителот на проектот. Вообичаениот вокабулар за подгревање на меѓуетничките тензии, овојпат за среќа даде спротивен ефект.
Бизнисот не препознава категории луѓе според нивната припадност. Граѓаните треба да се обединат во целите за економски просперитет на земјата и отворање спрема соседите зашто никој од надвор не може да ни ги подобри состојбите, уверува директорот на Бизнис клубот при Советот, Костовски.
Значењето на меѓуетничките односи беше посочено како особено значајно и во извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава.
Фиљана Кока
