Препораки за развој на македонската економија
Ако продолжи со ова темпо Македонија ќе го стигне европскиот просек за 70 години. Економисти со проекции и препораки за идните влади- дефинирање на црвените линии за стопанството со консензус меѓу политичките чинители, долгорочни стратегии, реформи во образованието, потесна соработка меѓу домашните компании и странските инвеститори.

Четвртата индустриска револуција бара од сите држави темелно преиспитување на националните образовни системи затоа што новото време бара нови вештини и знаења кои не се добиваат со сегашните наставни програми. Економистите бараат забрзување на перформансите на домашната економија и повисоки стапки на економски раст, пред сѐ преку потесно поврзување на домашните фирми и фабриките на странските инвеститори. Но потребен е договор за долгорочните цели и националните приоритети.
„Мораме да дефинираме црвени економски линиии, за кои што ќе постигнеме консезус и кои што ќе бидат приоритет на долг рок“, смета д-р Зоран Јовановски, организатор на конференцијата.
Економската фела со препорака за реформи во образовниот систем кој мора да продуцира кадри какви што бара бизнис заедницата. Наместо формално образование потребно е фокусирање на вештините, што ги бараат новите индустрии, базирани на информатички и инженерски науки.
„Каскаме. Но, мислам дека генерално и сите каскаат и тоа главно заради несоодветноста на образовниот систем. Едноставно нашите образовни системи се фокусирани на квалификации кои се формално образование, притоа заборавајќи ги вештините, кои се она што ќе биде потребно во иднина“, вели д-р Никица Мојсоска-Блажевски, универзитет „Американ колеџ“.
„Занимањата поврзани со програмирање и инженерството ќе бидат се побарани и ако ние не создаваме такви кадри ние ќе се најдеме надвор од таа четврта индустриска револуција. И ние ќе имаме кадри кои не ќе можат да се вклопат во тие нови индустрии затоа што и да сакаме да ги донесеме тие индустрии во Македонија нема да можеме. Ќе останеме со оние индустрии кои што се ниско продуктивни, кои креираат ниска додадена вредност. Значи ние од сега мораме да размислуваме за иднината“, објаснува гувернерот на НБРМ, Димитар Богов.
„На среден до долг рок мислам дека клучно за македонската економија е да може да ги поврзе странските фабрики кои што донесуваат повисока технологија, поинакви вештини на организација и управување со фирмите на лидерство, со домашните компании кои треба да го подигнат својот продуктивен капацитет и да ја подигнат својата технолошка граница“, смета д-р Марјан Петрески, универзитет „Американ колеџ“.
Според одредени анализи македонскиот БДП по жител сега претставува само 37% од просекот на земјите членки на ЕУ, кој би го достигнале дури по 69 години. Во иднина економската структура ќе зависи од степенот на едуцираност на работната сила, односно, со ниско образувана работна сила не ќе може да продуцираме производи со висок степен на додадена вредност.
„Ако продолжиме со ова темпо ќе го стигнеме европскиот просек во 2085-та година, но ако малку забрзаме со 5% годишна стапка на економски раст би го достигнале тој европски просек во 2055-та година“, вели д-р Александар Стојков, универзитет „Свети Кирил и Методиј“.
Треба да продолжи политиката на привлекување странските инвеститори која дава резултати, но целиот процес да се води транспарентно. Да се субвенционираат домашните фирми кои што инвестираат во поврзување со фабриките на странските инвеститори, сугерираа учесниците на економската конференција „Перспективи 2016“.
Свето Николовски
