Традиционалната и органска храна поблизу до потрошувачите

11.11.2016 16:22

Традиционална и органска храна, зачини, чаеви, регионални алкохолни пијалаци, природна козметика и облека може да се видат и купат на саемот „Вкусот на Македонија“. Ќе трае до недела 13-ти ноември, а на него изложуваат 22 мали и средни бизниси од руралните средини.

Потрошувачите го препознаваат квалитетот. Интересот е сѐ поголем, пласман има иако цената е нешто повисока од конвенционалните производи- раскажува Бранко Ангелески производител на мармалад и сируп од шипка и од малина. Вели, се бараат производи од времето на нашите баби и дедовци, бидејќи се здрави без никакви додатоци.

„Се јавува поголем интерес зошто се прават вакви саеми и луѓето осознаваат сѐ повеќе и затоа повеќе и се бара. Само има малку производители бидејќи шипката е тешка за изработка“, вели Бранко Ангелески, производител на мармалад и сируп од шипка и од малина.

Според Сузана Димитриевска, производител на органска храна од Мустафино, неопходни се вакви манифестации бидејќи традиционалното производство се доближува до купувачите.

„Традиционалните производи треба да се направат што повидливи бидејќи тие може да направат креативност во економијата. Дека може да се живее, може, доколку тоа се поврзе со туризам и со развој на самиот регион или руралната средина“, смета Сузана Димитриевска, производител на органска храна од Мустафино.

Саемот за традицонална и органска храна е финансиран од УСАИД и Швајцарската амбасада.

„Треба да се поддржат идеите развиени од овие бизниси и токму со таа цел го поддржавме формирањето на 11 локални акциски групи низ цела рурална Македонија, со цел да се идентификуваат идеите и да се создаде развој и развојни можности за луѓето од овие рурални подрачја“, вели Стефан Томагиан, заменик амбасадор на Швајцарија.

„УСАИД има цврста заложба да ги поддржува малите бизниси во Македнија. Знаеме дека малите бизниси во Македонија имаат многу предизвици, но веруваме дека само со постојана поддршка може да се обезбеди нивниот раст и развој“, вели Едард Гонзалез, директор за канцеларијата за развој на УСАИД.

Традиционална и органска храна, зачини, чаеви, регионални алкохолни пијалаци, природна козметика и облека може да се видат и купат на саемот кој ќе трае до недела. Изложуваат 22 мали и средни бизниси од руралните средини.

Ана Јосифоска- Тодоровска