Заев најави генерален реизбор на судиите

11.11.2016 16:33

СДСМ најави генерален реизбор на сите судии, доколку победи на изборите. Лидерот Зоран Заев рече дека на овој начин ќе ја вратат правдата во земјава и секој граѓанин ќе биде еднаков пред законот. Оцени дека изборните листи на коалицијата што ја предводи се сидро за победата на 11-ти декември.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев најави генерален реизбор на судиите во државава по изборите. Ниеден судија нема повеќе да си дозволи да осудува невини, вели Заев, додавајќи дека реизборот ќе бил по критериуми што во повеќе земји давале позитивни резултати.

Претседателот на СДСМ вели дека имало поединци во судството кои одважно ја бранеле прадвата, за што трпеле последици, но, рече нивната жртва ќе биде нивна предност по 11-ти декември. Најави и поставување на бројчаник на триумфалната капија кој ќе покажувал како се враќа секој денар украдени пари од граѓаните.

Драгиша Милетиќ, лидерот на Српската напредна странка за Македонија, се придружи на СДСМ без да бара било што, позиција или пратеничко место, изјави Заев. Прашан дали незадоволството во партиските редови би го намалило рејтингот- лидерот на СДСМ со оптимистички одговор.  

Заев изрази уверување дека ќе бидат обезбедени сите документи и дека комплетирањето на листите ќе биде завршено во предвидениот рок до полноќ.

 

Наташа Гркова- Петрушевска