Румен Радев нов претседател на Бугарија, Борисов најави оставка

14.11.2016 08:31

Радев уште синоќа по објавувањето на првичните делумни резултати и излезните анкети кои укажуваа на негова победа, изјави дека „демократијата ги победи апатијата и најмногу стравот“. На прашањето дали ова е победа за Румен Радев или БСП, тој рече дека тоа е „победа за бугарски народ“.

Независниот кандидат за претседател на Бугарија, поддржан од Бугарската социјалистичка партија (БСП), Румен Радев освои 59,35 проценти од гласовите на вчерашните претседателски избори, соопшти утрово бугарската Централна изборна комисија врз основа на 99,33 отсто преброени гласачки ливчиња.

Во исто време, кандидатката на владејачката партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) и актуелен претседател на бугарскиот Парламент, Цецка Цачева освоила 36,17 проценти од гласовите, додека 4,48 отсто од избирачите се изјасниле дека „не поддржуваат никого“.

Радев уште синоќа по објавувањето на првичните делумни резултати и излезните анкети кои укажуваа на негова победа, изјави дека „демократијата ги победи апатијата и најмногу стравот“. На прашањето дали ова е победа за Румен Радев или БСП, тој рече дека тоа е „победа за бугарски народ“.

Цачева од своја страна го призна поразот на изборите и најави дека е подготвена да поднесе оставка на функцијата претседател на Собранието.

Во седиштето на ГЕРБ, во присуство на бугарскиот премиер Бојко Борисов и други членови на Владата, Цачева изјави дека не се чувствувала како „осамен играч“ во текот на кампањата, иако не добила „доволна поддршка од сопстевната партија“. Мој главен противник беа политичката апатија и популизмот, порача Цачева. 

Борисов исто така му ја честиташе победата на Радев и најави дека на првиот работен ден на Народното собрание, ќе поднесе оставка на неговата коалициска Влада