Барак Обама во вторник во Грција

14.11.2016 10:14

Американскиот претседател во заминување, Барак Обама, утре пристигнува во посета на Грција. Безбедносните мерки во земјата се подигнати на највисоко ниво. Главни теми се Кипар и мигрантската криза.

Повеќе од 300 агенти на ЦИА и 3.000 грчки полицајци ќе се грижат за безбедноста на американскиот претседател во заминување Барак Обама, кој што во вторник пристигнува во дводневна посета на Грција.

Во интервју дадено за весникот Катимерини непосредно пред посетата, Обама порача дека ќе ги охрабрува меѓународните кредитори на Грција во насока на значително олеснување на грчкиот долг. Тој ја пофали Грција за соработката како во однос на мигрантската криза, така и во однос НАТО, нагласувајќи дека и покрај економските тешкотии, земјата е една од петте НАТО членки кои што трошат 2 проценти од БДП на одбрана.

„За време на моето претседателство јасно ставив до знаење дека се додека Грција продолжува да ги презема тешките чекори за реформи дома и работи за да се осигури дека мирантите се третирани на правилен и хуман начин, грчкиот народ секогаш ќе има пријател и партнер во САД. Во меѓувреме, со растот на популистичките движења и прашањата за иднината на европската интеграција, мојата посета на Грција, родното место на демократијата и инспирацијата на американските основачи, ќе биде можност за реафирмација на постојните вредности за владеење на демократијата, различностите и толеранцијата, кои што ни помагаат да останеме силни“, вели Обама за „Катимерини“.

Во меѓувреме, популарниот грчки портал „Greek Reporter“, објави видео компилација од, како што се наведува, „најгрчките моменти на претседателот Обама“, каде што доминираат исечоци од неговиот говор по повод прославата на грчката независност во Белата куќа во 2016-та.

Во друга анализа на истиот портал во однос на исходот од американските избори и победата на републиканскиот кандидат Доналд Трамп, се наведува дека грчката политичка сцена ќе беше покомотна доколку победеше Хилари Клинтон. Во анализата се наведува и дека доколку Клинтон победеше на изборите, претстојната посета на Обама ќе значеше продолжување на пријателската политика, пред се во однос на економијата.  Сега пак, посетата на Обама нема да биде ништо повеќе од чисто церемонијална, се вели во текстот на порталот.

 

Марија Котовска, постојан дописник од Атина за МРТ