Одложено рочиштето за Богоевски, одбраната ќе го проучува вештачењето

14.11.2016 15:29

378 илјади денари чини реновирањето на фасадата на Министерството за култура која беше бојосана по протестот на Шарената револуција. Ова го пишува во наодот изготвен од Бирото за судски вештачења кој беше доставен во судот на рочиштето на кое му се суди на Павле Богоевски.

На 378 илјади денари е проценета штетата на фасадата на Министерството за култура којашто беше бојосана од членовите на Шарената револуција. Ова го пишува во наодот што по нарачка на Министерството го изработиле експертите од Бирото за судски вештачења.

Овој документ на судот му го приложи обвинителството како доказ во процесот што се води против Павле Богоевски, еден од водачите на Шарената револуција. За неговиот бранител е нејасно – зошто ако вештачењето било готово во мај годинава, обвинителот не го зел предвид два месеци подоцна кога го пишувал обвиненителниот акт.

Судењето се одложи за да може одбраната целосно да го проучи вештачењето. Обвинетиот Богоевски кој е кандидат за пратеник предложен од опозицијата се повика на ограничувањата во Изборниот законик за јавно изразување на ставови и мислења и не даде изјава за медиумите.

Обвинет е дека на 18-ти април бил дел од толпата што фрлала балони со боја и ја оштетила фасадата на министерството за Култура – прогласена за културно наследство. 

 

Анита Димитријевска