ДИК: Отфрлени кандидатските листи на СДПМ
По повторното разгледување и утврдување низа неправилности, ДИК денеска едногласно реши да ги отфрли кандидатските листи на Социјалдемократската партија на Македонија (СДПМ). При разгледувањето на оригиналните документи, комисијата увидела несовпаѓање на потписите на одредени кандидати, некои изјави биле со постар датум, а имало и неправилности во изјавите за неосудуваност.

Несовпаѓање на потписите на одредени кандидати во потпишаните изјави, некои биле со датум 11-ти мај 2016, неправилности во изјавите за неосудуваност, не било наведено за кои избори се однесуваат кандидатурите на партијата. Поради овие неправилности, членовите на ДИК едногласно решија да ги отфрлат кандидатските листи на СДПМ за сите изборни единици. За листите СДПМ има право на жалба до Управниот суд. Силвана Бонева рече дека можеби несвесно комисијата претходно со прифаќање на 4 кандидатски листи била доведена во заблуда. Според Игор Милев пак, СДПМ свесно ја ставила во заблуда ДИК.
Освен овие неправилности, на листите на СДПМ, носители беа лица со исти или слични имиња и презимиња на кандидати од друга политичка партија. Дел од членовите на ДИК со констатација дека се омаловажува стручниот капацитет на членовите на највисокото изборно тело.
На предвремените парламентарни избори, закажани за 11-ти декември ќе учествуваат 5 коалиции и 6 политички партии. Државната изборна комисија целосно ги прифати листите на кандидати за пратеници на коалицијата за подобра Македонија, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, на опозициската коалиција, предводена од СДСМ, на коалицијата за промени и правда, на ВМРО за Македонија и на Алијансата за Албанците. За учество на изборите се потврдени и кандидатските листи на ДУИ, на ДПА, на Либералната партија, на Левица, на ПДП и на Националното движење за Македонија. Единствено ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ, поднесоа кандидатска листа за седмата изборна единица, во која гласа дијаспората.
Жребувањето за редоследот на кандидатските листи за изборите треба да се одржи на 20-ти ноември, а следниот ден почнува предизборната кампања која ќе трае 20 дена. По завршувањето на јавниот увид во избирачкиот список, во петокот на полноќ, според роковникот, комисијата треба најдоцна до 16-ти месецов да го достави до политичките партии. Тие пак, во рок од пет дена од приемот, доставуваат барање за запишување, дополнување или бришење на податоци. Државната изборна комисија, избирачкиот список во кој се извршени сите промени од јавниот увид го заклучува најдоцна до 21-ви ноември.
Милчо Велески
