Недвижности

Поевтини становите во Центар, поскапи во Ѓорче

14.11.2016 15:52

Намалени цените на станбениот квадрат во Скопје, во просек за 50 евра. Сепак, тие растат во Ѓорче Петров, но и во Битола, забележува Агенцијата за катастар за недвижнини. Според агенцијата, 100 илјади станови во земјава се под хипотека, но, тоа е под нивото на пазарите во регионот.

Расте понудата на новоизградени станови, се стега обрачот околу побарувачката. Зголемена вредност на трансакциите за продажба и закуп, за четири месеци достигнала над половина милијарда евра. Во некои општини- благ пораст на цените, во Скопски Центар поевтинување, во просек за 50 евра. Пазарот на недвижности е стабилен, тврдат од државниот Катастар.

„Пазарот на недвижности во Македонија е стабилен. Бројот на трансакции за продажба и закуп расте, а цената на становите е стабилна и таа се движи во рамки на маргините од плус минус 3.000 денари. Нема понуда на огромен број станови што би довело до драстичен пад на цената на квадратот“, вели Славче Трпески, директор на Агенцијата за катастар на недвижности на РМ.

Од просечни 62.640 денари за квадрат во вториот квартал лани, на 57.500 почетокот на годинава, пад на цената на становите во централното градско подрачје, пораст на квадратен метар во Ѓорче, во Аеродром пазарот стабилизиран, во просек 51.600. Поевтинување на станбената површина во Тетово, нагорен тренд во Битола. Познавачите велат- вистинско време е да се купи стан. Мала понуда, зголемена побарувачка регистрираат агенциите за недвижности во Прилеп.

Најскапо се издаваат становите во Центар, најевтино во Чаир. Статистиките покажуваат, секој десетти стан во државава е под хипотека, 9,70 проценти од вкупниот број се запишани во катастарот. Оттаму посочуваат, хипотекарниот пазар е слабо развиен, има простор за развој.

 

Сузана Фиданска- Стоевска