Дијабетичарите со нов проблем- сомнеж во квалитетот на инсулинот

14.11.2016 16:22

Дијабетичарите на нова мака. По инсулинската криза, фрлаат сомнеж на квалитетот на неопходниот лек. Од ресорното министерство тврдат дека не се увезува копија на оригиналниот инсулин.

Се продлабочува проблемот на дијабетичарите. Ако досега се соочуваа со инсулинската криза, сега се сомневаат во квалитетот. Луѓето кои страдаат од шеќерната болест, велат се увезува копија на оригиналниот инсулин. Се жалат дека со ист број внесени инсулински единици тој еден ден дејствува друг ден не.

„Се случува да примам инсулин, да го измерам шеќерот после еден час или час ипол, тоа е период во кој е потребно да се свари храната и пак, имам повисоки гликемии од она што се очекува. После тоа треба повторно да се боцнете или го фрлате тоа пенкалце, отворате ново со надеж дека новото ќе биде подобро и дека ќе го регулира шеќерот“, изјави Бојан Киров, Здружение за заштита и едукација на дијабетичари „Був“.

Членка на ова здружение е и Наташа Деспотовска Димитриевска, мајка на дете заболено од дијабетес. Во писмо што го објави на социјалните мрежи таа отвора дилема за начинот на кој се увезува инсулинот.

„Денеска во Македонија секоја, ама баш секоја фирма регистрирана за трговија со лекови може да биде „победник“ на тендер за набавка на инсулин, на тој толку важен лек- хормон од кој зависи животот на дијабетичарите. А притоа- внимавајте добро- без да исполнува никакви стандарди за квалитет“, пишува оваа мајка.

Од Министерството за здравство ги негираат ваквите тврдења. На прашањата на МТВ одговорија преку соопштение. Велат дека во земјава се употребува инсулин од врвни светски производители.

„Нема место за загриженост за квалитетот кога станува збор за лекови (вклучително и инсулин) кои имаат одобрение од Агенцијата за лекови и медицински средства за дистрибуција до крајните корисници. Квалитетот на инсулин е проверен и одобрен од Агенцијата, поединечно, за секоја увезена серија лек. Законот предвидува казна од 50 илјади евра за правното лице за непочитување на оваа законска одредба“, објаснуваат од Министерството за здравство.

Во меѓувреме, расте бројот на дијабетичари во земјава. Регистрирани се околу 185 илјади, од нив 35 илјади примаат инсулин. Причина се стресот, лошиот начин на исхрана, нередовната физичка активност.

 

Андријана Атанасовска