Александров: Синодот на МПЦ да го повлече владиката Петар од Австралија
По најавите на владиката Петар дека е регистрирана корпорација за доверителство односно за чување на црковниот имот на Македонската православна црква во Австралија и во Нов Зеланд, реагираа од Здружението на Македонски заедници од Австралија. Според претседателот Игор Александров со ова владиката Петар признал дека 20 години води скандалозна хајка за приграбување на имотите на МПЦ и побара синодот да го повлече владиката Петар од Австралија.

Со одлуката црквите во Австралиско- новозеландската епархија да бидат ставени под корпорација, владиката Петар признава дека 20 години води хајка за приграбување на имотите на МПЦ, велат од Здружението на Македонски заедници од Австралија. Според претседателот на ова здружение, Александров, моделот што сега го воведува владиката Петар, претходно бил предложен и од заедницата, но не бил прифатен токму од него. Затоа сега според Александров е нејасно како владиката ќе ја спроведува оваа одлука и дали со тоа ја изманипулирал македонската јавност и синодот.
„Знаејќи дека е во процес целосно да ја изгуби епархијата сега наеднаш владиката мисли дека со тоа што ќе го прифати нашиот модел за регистрација ќе се исчисти од сите гревови и што се однесува до нас, со тоа докажува дека човекот не е достоен да биде владика воопшто на која било епархија надвор од Македонија каде што владее правото“, смета Игор Александров, претседател на Здружението на Македонски заедници од Австралија.
Владиката Петар во изјава за МТВ, минатата недела рече дека против него и уште двајца свештеници се води негативна пропаганда само затоа што биле чувари на 7 црковни имоти во Австралија за кои, како што вели, досега немало начин како тие да се регистрираат и да станат дел од МПЦ.
„Ние потпишавме декларација дека тоа не се наши имоти, туку дека со одлука на епархискиот одбор ги чуваме за МПЦ. Ова не е најсовршената регистрација за Австралија, но е засега најдобрата за нас“, рече владиката Петар.
Претседателот Александров го повика синодот, за како што вели, да стави крај на нарушувањето на угледот на МПЦ и итно да го повлече владиката Петар од Австралија.
Викторија Милевска
