Зелените пазари ја губат битката со големите маркети
Големите супермаркети ги сотреа зелените пазари. Регистрираат пад на продажбата и до 20 проценти. За да се одговори на жестоката конкуренција се препорачува модернизација на пазарите, но ова не е едноставен процес, потребни се пари. Во земјава, околу 10 илјади семејства живеат од тргувањето на зелените пазари.

Преполни тезги, малку купувачи. Во последниве неколку години зелените пазари ја губат битката со големите маркети. Пазарџиите велат дека и работното време е виновно за тоа.
„Кај нас треба да се работи како што се работело од 6 до 2 за да има простор муштериите и цел народ да си дојдат на пазарите да си испазарат квалитетна роба. А кога работиме од 8 до 4, 4 ипол, кога луѓето ќе доаѓаат на пазар да пазарат.“
„Овој пазар полека полека згаснува, затоа што прво нема паркинг, а и голема сиромаштија е.“
„Овој пазар треба да пропадне, веќе готов е. Секој маркет има зеленчук и други работи а ние сега да умреме. Треба и ние да живееме, да работиме, а нив да ги иселат да си ја работат другата работа“, коментираат пазарџиите кои ги анкетиравме.
Пазарџиите велат поголема е раздвиженоста за викендите. Муштериите имаат свое објаснување.
„Или на Зелено или овде, како каде, на Зелено е поевтино.“
„Повеќе од маркетите него од пазарите. Како да ми е полесно, поскапо е малку во маркетите е поевтино“, велат потрошувачите.
И од Стопанска комора потврдуваат- најголеми конкуренти на пазарите им се големите маркети кои имаат мини зелени пазари во рамките на своите објекти. Велат падот на продажбата во Македонија е околу 20 проценти, но тоа не е проблем само кај нас, туку е тренд секаде во регионот.
Не само во Македонија, речиси насекаде низ регионот постои проблем со паркинг место пред зелените пазари. Исто така како проблем се јавува и сивата економија околу пазарите.
Во многу градови низ Македонија, вклучително и во Скопје, во фаза е обнова, па дури и изградба на нови пазари. Таков е и примерот со земјите од регионот, велат од комората.
„Пазарите особено во Хрватска и во Србија одат чекор понапред со тоа што во модернизацијата активно посветуваат внимание на енергетската ефикасност, на инфраструктураат, партерното уредување и на тетирањето на отпадите од хартија, стакло, амбалажа“, изјави Даниела Михајловска- Василевска, Стопанска комора.
Во Македонија има 15.000 до 20.000 закупци на тезги, а над 10.000 семејства живеат од тргувањето на зелените пазари. За оваа дејност сѐ уште нема стратегија преку која, укажуваат од Стопанската комора, би се потврдила важноста на пазарите пред се за локалниот економски развој.
Ана Јосифоска- Тодоровска
