Посевите добро напредуваат
Оваа есен временските услови им се погодија на земјоделците. Сеидбата на житото во некои региони е веќе завршена, а агрометеоролозите велат дека ниските утрински температури што се очекуваат неделава, нема да им наштетат на посевите и на насадите.

На почетокот од неделава се очекува постабилно време, со што ќе се создадат услови за постепено довршување на есенската сеидба и на последните останати ненасеани ниви. Онаму каде што сеидбата е одамна завршена веќе има поникнување на пченицата и на јачменот.
Со добрата влажност во почвата и релативно високите дневни температури од 7 до 17 степени се гарантира успешно поникнување и услови за презимување на житните култури.
Во следните денови, според метеоролозите, се очекува појава на северен ветер, а во утринските часови и појава на негативни температури до -3 степени, но студот или евентуалните мразеви ќе немаат негативно влијание врз земјоделските култури и нема да предизвикаат штети во лозарството и овоштарството каде што бербата веќе заврши.
Методија Трајков
