Нова стратегија за просторни податоци по европски терк
Националните просторни податоци од сите области ќе се стандардизираат со европските. Подготвена е нова стратегија. Ќе овозможи поефикасна размена на информации и нивна достапност до граѓаните, институциите и приватниот сектор. Во нацрт-стратегијата внесени се холандските искуства.

Нова национална стратегија за геопросторни податоци по европски терк ќе ги креира политиките за создавање, употреба и поефикасна достапност на информациите до граѓаните, институциите и приватниот сектор. Нацрт верзијата е работена со холандски искуства.Опфатени се сетови услуги поврзани со топографија, хидрологија, атмосвера. Надлежните очекуваат, да се одбегне двојното собирање на податоци и досегашната некомпактибилност на истите.
„Граѓаните, бараат сигурни податоци, а особено во кризни состојби. Сакаме да ги инспирираме корисниците и да им ги покажеме можностите од користењето на геопорталот. Многу од прашањата кои беа поставени во претходната стратегија се остварени и има нови предизвици. Потребна е нова стратегија која ќе биде во согласност со законодавството и да поставиме нови цели за натамошен развој на националните инфраструктурни податоци“, вели Паола Кјарсон, регионален менаџер на Холандскиот Катастар.
Подобрено планирање, управувањето со ризиците, транспортот и врските, побрз одговор на итни ситуации, приклучување кон Пан- европските инфраструктурни просторни податоци, ова се дел од придобивките што ги посочуваат надлежните. Во изработката на стратегијата биле инволвирани 18 институции и преставници од Коморите.
„Досегашната стратегија што македонскиот Катастар ја подготви во 2010 година исто така со помош на Холандскиот катастар беше усвоена од Владата во 2012 година. Врз основа на неа во 2014 година беше донесен Закон за национална инфраструктура на податоци, беа формирани сите тела на националната инфраструктура на податоци, а минатата година е ставен во функција Националниот геопортал“, изјави Славе Трпески, директор на Агенцијата за катстар на недвижности на РМ.
Тригодишната стратегија, сега во нацрт- верзија, се очекува да биде оперативна од јануари следната година.
Сузана Фиданска- Стоевска
