Младите лидери потпишаа Декларација за фер и демократски избори
22-ца лидери на подмладоците на политичките партии потпишаа декларација за фер и демократски избори. Се обврзаа да не шират говор на омраза, и да победи најдобрата политичка опција. Младите по втор пат потпишуваат ваква декларација, првпат го направија тоа во 2014-та.

Младите политичари се заложија за фер, слободни и демократски избори. 22 партиски подмладоци потпишаа Декларација дека се против заплашување на граѓаните за да го дадат гласот за одредена партија, како и за објавување на клевети, навреди и манипулации. Со потписот се обврзуваат на јавна осуда на секаков чин на насилство, за фер и чесна медиумска кампања и за неуништување на пропагандниот материјал на други партии. Иницијатор е Институтот за економски стратегии и меѓународни односи.
Според потписниците на Декларацијата обврзани се на зрелост, треба да покажат како треба и како може да се води политичка кампања, без да се заснова на лаги и манипулации, туку на идеи и проекти. Заклучија дека има принципи кои не треба да се напуштат.
Ова се втори избори по ред за кои младите потпишуваат ваков документ.
Наташа Јанчиќ
