Сиетл го освои Супер Боул
Екипата на Сиетл Сихоукс го освоија 48 Супер Боул, шампионската титула на професиналната лига во американски фудбал (НФЛ)...

Екипата на Сиетл Сихоукс го освоија 48 Супер Боул, шампионската титула на професиналната лига во американски фудбал (НФЛ). На МетЛајф стадионот во Њу Џерси пред 80.000 гледачи тие триумфираа против Денвер Бронкос со 43-8. За Сихоукси ова е второ финале а прв трофеј, освоен со една од најубедливите победи во историјата на Супер Боулот. Во 1990-та Сан Франциско славеше над Денвер со 55-10. Бронкос во седмата завршница пропуштија шанса да ја освојат третата круна. Малколм Смит е прогласен за МВП на финалето.
Во двобојот на различни стилови, „атомскиот напад“ на Денвер и гранитната дефанзива на Сиетл, победата му припадна на тимот со најдобрата одбрана во лигата, чиј сопственик е Пол Ален коосновачот на Мајкрософт. Тажна ноќ имаше квотербекот на поразените 37-годишниот Пејтон Менинг, најкорисниот играч во сезоната, и еден од најдобрите офанзивци во историјата на НФЛ. Тој не успеа да стане првиот квотербек, кој го освоил Супер Боулот со два различни клуба.
Со најголемиот спортски настан во САД одат и големи бројки. Проценето е дека американците за време на натпреварот изеле околу 22,5 милиони килограми чипс што го „натопиле“ со една милијарда и 228 милиони литра пиво со кое може да се наполнат 500 олимписки базени. На стадионот МетЛајф во Њу Џерси, „настрадале“ и 8000 пици и 40.000 сендвичи хотдог. Минатогодишниот Супер Боул беше најгледаната тв програма во историјата на САД со 164 милиони гледачи. Гледаноста на годинашниот наскоро треба да биде откриена, но се знае дека телевизиската куќа Фокс за 30 секунди рекламни спотови наплатувала по 4 милиони американски долари.
Поп пејачот Бруно Марс и рок бендот Ред Хот Чили Пеперс ги забавуваа гледачите на полувремето, додека оперската дива Рени Флеминг ја отпеа националната химна на САД.
