Обама на средби во Атина, Павлопулос ја обвини Македонија за иридентизам

15.11.2016 16:36

Американскиот претседател во заминување, Барак Обама, европската проштална турнеја ја почна од Атина, на средба со грчкиот државен врв. Обама ја реафирмираше посветеноста на САД кон НАТО, грчкиот претседател Павлопулос ја искористи шансата да ја обвини нашата земја за ширење иредентизам.

Економската криза, грчкиот долг, прашањето со мигрантите и бегалците и кипарското прашање беа главните теми на прес конференцијата по средбата на грчкиот премиер Алексис Ципрас и американскиот претседател Барак Обама.

Како што се очекуваше, на денешните средби на американскиот претседател Барак Обама со грчкиот државен врв стана збор и за проблемот што Атина го има со нашето уставно име. Грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос всушност го покрена и ова прашање тврдејќи дека инсистирањето на уставното име претставувало иредентизам и значело менување на границите, со што се загрозувала Европската перспектива на нашата земја.

Обама пак му честиташе на грчкиот претседател за начинот на кој што Грција се справувала со бегалско мигрантската криза, а се заблагодари и за соработката во НАТО. Тој нагласи дека прашањето за Алијансата е особено важно и дека САД сакаат да осигураат континуитет во политиката за време на транзицијата на власта во Вашингтон.

Обама изутрината беше пречекан на атинскиот аеродром со највисоки државни почести, а грчката престолнина денеска е под специјален режим на сообраќај и движење. Затворени се речиси сите улици во централното градско подрачје, каде што се оддржуваат средбите со Обама, а затворени се и дел од метро станиците. За безбедноста на американскиот претседател во заминување се грижат неколку стотици агенти на ЦИА и илјадници  грчки полицајци.

 

Марија Котовска, постојан дописник од Атина за МРТ