Каква надворешна политика ќе води Трамп?

16.11.2016 10:34

Стабилизација на Блискиот Исток, ревидирање на трговските односи со Јужна Америка и Азија, подобрување на односите со Русија и укинување на договорот со Иран ќе бидат првите одлуки за надворешната политика на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.

Поранешниот градоначалник на Њујорк, Руди Џулијани е најсериозниот кандидат за нов државен секретар. Првите одлуки за американската надворешна политика на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ќе бидат за пораз на Исламската држава.

„Путин ќе ја тестира новата администрација да види дали ќе има нова форма на соработка на места како Сирија. Египетскиот претседател Сиси е во подобра позиција, бидејќи Трамп сака силни авторитетни лидери и нема да турка за политички реформи и човекови права како центар на американската надворешна политика“, изјави Арон Дејвид Милер, потпретседател на „Нови иницијативи“ во „Вилсон Вудроу“ центар во Вашингтон.

Трамп и Путин во телефонски разговор веќе констатирале дека руско-американските односи се на најниско ниво поради санкциите.

„Трамп не вети дека ќе ги укине санкциите од првиот ден. Тактички би било неразумно да се откажеме од предноста за која некои платија политички како администрацијата на Обама, и зошто тоа да не се користи за преговори. Санкциите не донесоа промени во Русија на кои се надеваше Вашингтон. Европа се уште е клучен актер за санкциите. Сигналите од новата американска администрација ќе зависат како ќе бидат протолкувани во Берлин, Брисел и Париз“, смета Метју Ројански, директор на Институтот „Кенан“ во Вашингтон.

Иран веќе негативно реагираше на можното повлекување на Америка од договорот и повторно воведување на санкции. Трамп ќе ги ревидира трговските односи со Кина и со Мексико. Администрацијата на Трамп ќе продолжи да спречува терористи да дојдат до нуклеарно оружје.

Доналд Трамп ќе се води од американските интереси во односите со меѓународните организации како НАТО и Обединетите нации. Тој веќе најави дека милијардите долари за климатски промени на ОН ќе ги пренасочи за инфраструктурата.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ