НДМ и СДПМ тужат поради отфрлање на нивните листи

16.11.2016 15:38

Народното движење за Македонија и Социјал- демократската партија на Македонија поднеле тужби до Управниот суд, поради тоа што Државната изборна комисија ги отфрли нивните листи со образложение дека содржат неправилности. Судот до утре треба да ги достави решенијата.

До полноќ Државната изборна комисија треба да го достави избирачкиот список до партиите учеснички во изборниот процес. Доколку тие имаат забелешки во рок од пет дена ќе треба да ги достават до ДИК на одлучување. Списокот се заклучува на 21-ви ноември. Во меѓувреме ДИК ќе направи ждребување за изборното преставување на коалициите и партиите на уличните билборди.

Откако им беа одбиени кандидатските листи, Народното движење за Македонија и Социјал- демократската партија на Македонија поднеле тужби до Управниот суд. ДИК во листите на двете партии утврди низа неправлиности. Од неважечки лични карти до впишани на листите повеќе кандидати од пропишаните 20.

Од ДИК информираат дека тужбите се доставуваат до нив, а тие со целокупниот материјал, односно доказите зошто листите на партиите не биле прифатени ги доставуваат до Управниот суд. Судот има рок од 24 часа да ги разгледа тужбите и да донесе решение за нив по што ќе го достави до изборната комисија.

Жребката за редоследот на коалициите и политичките партии на гласачкото ливче е в недела. Кампањата започнува во понеделник и ќе трае до 9 декември.

Засега партиите не откриваат од каде ќе ги започнат првите предизборни митинзи. До понеделник ДИК треба да го изготви и да го даде на потпис кај партиите кодексот за фер избори.

 

Миле Ристески