Годинава 122 загинати во сообраќајки, пешаците најранлива категорија
Во првите девет месеции од годинава во Македонија 122 лица го имаат загубено животот во сообраќајни незгоди. Ова го покажуваат статистичките податоци и анализите кои ги направи Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

122- ца загинале на патиштата во првите девет месеци од годинава. Од нив 25 или една четвртина се пешаци. Најновите податоци за црната статистка говорат дека во однос на минатата година е зголемен бројот. Причините за сообраќајни несреќи веќе познати.
„Пред сѐ брзото возење во населено место, алкохолизирани возачи, несоодветната инфраструктура, несоодветната видливост на пешаците, како и учество во сообраќајот под одвлечено внимание, како зборување на мобилен телефон“, изјави Стојче Стаменковски, претседател на РСБСП.
Од МВР велат дека покрај репресивните мерки преземале и превентивни мерки, за да се влијае врз свеста на учесниците во сообраќајот.
„Суштината на кампањите понекогаш е да предизвикаме страв од последиците кои можат да се случат поради неприспособената брзина на движење во сообраќајот, неупотреба на пасивна и активна опрема за заштита, непочитување на сообраќајните правила и прописи“, вели Оливер Андонов, дополнителен заменик- министер за внатрешни работи.
Според трауматологот, д-р Виктор Камиловски најчестите повреди кај пациентите, пешаци во сообраќајните несреќи се скршеници на долните екстремитети и тешки кранио– церебрални повреди во пределот на главата. Камиловски вели дека е зголемен и бројот на пешаците во алкохолизирана состојба што дополнително го зголемува ризикот за несреќи на улиците.
Ана Јосифоска- Тодоровска
