5 евра за 5 години: Електронска регистрација за граѓани кои не се од ЕУ

16.11.2016 16:10

Европската Унија предлага да се воведе систем за информации и авторизација на патувањето за оние граѓаните кои не се дел од Унијата, а патуваат во Шенген зоната. Ваквата евентуална одлука не би променила ништо во делот државјаните на земјите со безвизен режим да патуваат без виза.

Државјаните на Македонија и сите оние кои патуваат без визи во Европската унија, ќе мора да пополнат електронска апликација и да платат пет евра ако сакаат да влезат во некоја од земјите- членки на Унијата. Европската комисија денеска и официјално го предложи воведувањето на новиот систем за информации за патување и авторизација наречен „Етиас“. Воведувањето на овој систем се очекува да стапи во сила на 1-ви јануари 2020-та година, откако ќе биде усвоен од Европскиот Совет и Европскиот Парламент, а потоа и од сите земји- членки на Унијата.

Системот за регистрација на границите е една од мерките за контрола на влезот на луѓе од трети земјишто во септември ги најави претседателот Јункер. Тој изјави дека треба да се знае кој ги поминува границите и да се утврди на кого ќе му биде дозволено патување во Европа.

Секој граѓанин пред патувањето ќе треба да пополни апликација која ќе ги содржи основните информации на пасошот и ќе плати пет евра кои ќе важат пет години. Системот ќе ги идентификува лицата кои можат да претставуваат закана за безбедноста или ризик од нелегална миграција, уште пред тие да пристигнат на границата на ЕУ.

Од Брисел велат дека системот не е виза. Државјаните на земјите од визната либерализација сѐ уште ќе бидат во можност да патуваат без визи, но од нив ќе се бара, како задолжителен услов за влез во Шенген- зоната, да добијат дозвола за патување пред да отпатуваат.

Во земјите на ЕУ има 85 милиони влезови годишно.

 

Викторија Милевска