Квалитетна градба предуслов за стабилни објекти

16.11.2016 16:56

Општа констатација е дека во Македонија се гради квалитетно. Особено по земјотресот се посветува поголемо внимание на вградените материјали како и на сигурноста на конструкцијата. Според Законот за градење особено се внимава на објектите поголеми од 300 квадратни метри каде што се врши повеќекратна контрола во текот на изградбата.

Последните потреси кај нас и во регионот го реафирмираа прашањето за квалитетот на објектите и асеизмичката градба. Иако сме во ера на вистинска градежна експанзија, не треба да заборавиме на квалиетот на градењето и на материјалите што се користат, потсетуваат експертите. Не треба да се гледаат само новите градби, туку и постојните објекти и нивната сеизмичка ранливост и во случај на потреба да се зајакнат.

„Познавањето на геолошките карактеристики на почвите каде што се градат објектите претставуваат основен предуслов за асеозмички градби. Во таа насока би препорачал да се води долгорочен хидрогеолошки мониторинг на подземните води. Да се зајакне и да се прошири геодетскиот мониторинг на постојните свлечишта“, изјави проф. д-р Дарко Мославац, декан на Градежен факултет- Скопје.

Безбедноста и квалитетот на градбите зависи од сите ангажирани субјекти во градењето: проектантите, ревидентите, изведувачите и надзорот, односно контролата. Во Македонија имаме можеби најсигурно градење во регионот смета професорот Михаил Гаревски, а причина е пред се традицијата и воведените стандарди, особено по земјотресот. Законот за градење е прецизен, објекти до 300 квадратни метри се контролираат во фаза на проект, а за поголемите се вршат и две теренски контроли.

„Градбите се генерално добри, дури би рекол особено поновите градби се подобри и од оние што беа изградени непосредно по земјотресот во 1963-та во Скопје“, смета проф. д-р Михаил Гаревски, ИЗИИС.

Деликатни се старите градби од пред земјотресот, кои се доградувани или надградувани, а не се зајакнати или пак, санирани. Само ИЗИИС има направено контроли на проектите за 4 до 5 милиони квадрати, а биле регистрирани многу малку забелешки, вели Гаревски. Сепак најважен е квалитетот на материјалите што се вградуваат, затоа што нивната вредност учествува со само 10 насто во крајната цена.

„Цената на конструкцијата на градежните материјали во смата конструкција е не повеќе од 10% од вредноста на станот. А цената на цементот во таа калкулација е помалку од 3 %. Во таква ситуација човек треба да се запраша дал истварно треба да се ризикува и да се стави неиспитан материјал или поевтин или треба да се оди во правец на квалитетот и сигурноста“, изјави Борис Хрисафов- извршен директор на Цементарница „Усје“.

„Некаде 20% до 30% од цементот се увезува во Македонија. Се увезува од Турција, Бугарија, Албанија. На тој цемент се врши малку контрола во Македонија“, рече Борис Танески, Завод за испитување на материјали и развој на нови технологии- Скопје.

Градежниците се едногласни, квалитетната градба е основен предуслов за стабилни објекти при силен земјотрес, а последните потреси нѐ потсетија дека не треба да се заборави на стандардите воведени по скопскиот земјотрес.

 

Свето Николовски