ИД го уништи древниот град Нимруд
Исламска држава го уништи древниот град Нимруд. Со земја е срамнета и скалестата пирамида стара речиси три милениуми.

Покрај ужасите кои му ги нанесе на цивилното население, Исламска држава удри и по археолошките локалитети. Овој пат настрада древниот град Нимруд каде што не остана ниеден историски споменик. Иако ирачката влада ја презеде контролата врз оваа колевка на цивилизациите, не успеа да ги заштити културното наследство и древните градби од гневот на џихадистите.
„Имавме задача да го ослободиме Нимруд и за среќа успеавме. Операцијата беше добро планирана, но екстремистите уништија се. Тие немаат историја и вера. Целта им е да предизвикуваат штета во светот, не само во Ирак“, изјави Садик Мана, полковник во ирачката војска.
Експертите за процена на штетата чекаат дозвола за влез во овој асирски град во северен Ирак. Во тек е операција за проверка и чистење на теренот од подземни мини и стапици.
„Нимруд е со историја од 3 илјади години. Портата и замокот кои се десно од нас го покажуваат тоа. Пред мене се остатоци од Скалестата пирамида. И статуите се срамнети со земја“, вели Дија Кадим Ал-Саиди, генерал-мајор.
Нимруд бил главен град на Асирија и е формиран пред 3.300 години. Лежи на источниот брег на реката Тигар, 30 км јужно од Мосул каде што се водат жестоки битки меѓу ирачките војници и екстремистите. Мосул е најголемото упориште на Исламска држава и во Ирак и во Сирија.
