В година 2,2 милиони евра од ЕУ за општините
Во Скопје се одржува заедничкиот консултативен состанок, организиран од ЗЕЛС, Министерството за локална самоуправа и Комитетот на регионите на ЕУ, тело кое функционира од 2008-ма. Зајакнувањето на локалната власт, развивањето на децентрализацијата и примената на европските стандарди ќе продолжат и натаму, вели првиот човек на ЗЕЛС, Трајановски. Македонија исполни поголем дел од препораките за влез во ЕУ, а општините имаа клучна улога во тоа.

Македонските општини в година ќе добијат 2,2 милиона евра од Европската унија. Парите се наменети за подобро управување и поквалитетни услуги за граѓаните.
Европската комисија во извештајот за напредокот укажа на потребата од поголема финансиска независност на локалните самоуправи. Според првиот човек на ЗЕЛС, Коце Трајановски, тоа е и нивна заложба – да се зајакнат општините, да се развива децентрализацијата, да се применуваат европските стандарди.
Според претставниците на делегацијата на ЕУ, кредибилни избори се можност за излез од политичката криза во која се наоѓа земјава, за потоа Македонија поинтензивно да продолжи со спроведувањето на реформите.
Од ЗЕЛС велат дека во претстојниот период, реализацијата на капиталните инвестиции полека ќе преминува во рацете на општините.
Дијана Ценевска
