Обвинителен предлог за несреќата во „Балкан гасови ДОО“ од Богданци
Основното јавно обвинителство – Гевгелија денеска до Основниот суд во Гевгелија поднесе Обвинителен предлог против три физички лица и едно правно лице.

По комплетирањето на доказите за несреќата што се случи во февруари минатата година во Друштвото за производство, услуги и трговија „Балкан гасови ДОО“ во Богданци, Основното јавно обвинителство – Гевгелија денеска до Основниот суд во Гевгелија поднесе Обвинителен предлог против три физички лица и едно правно лице.
Лицата се товарат дека сториле кривични дела – Тешки дела против општата сигурност од чл.292 ст.4 в.в. чл. 288 ст.1 од кои правното лице в.в. ст. 5 од истиот член и Повреда на правото од работен однос од чл.166 ст.1 и в.в. ст.2 од истиот член за правното лице од Кривичниот законик.
Имено, обвинетите Р.Д., Б.Д. и И.Д. како одговорни лица во четврто обвинетото правно лице во утринските часови на 5 февруари минатата година со пожар и експлозија предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето при што три лица ги загубија своите животи, а едно лице се здоби со тешки телесни повреди.
Починатите лица и оштетениот биле вработени во правното лице на работно место – ракувачи на постројки за полнење на технички гас.
