Расте бројот на предвремено родени бебиња
Мајчиното млеко и кенгурирањето, или контактот кожа на кожа на бебето со родителите, се многу важни за побрз развој на предвремено родените бебиња, велат лекарите. Овој начин е извор на топлина, сигурност и љубов кон детето. Предвременото породување е глобален проблем. Во земјава стапката е околу девет проценти, а преживувањето 80 проценти.

Зорица се породила во 32- та недела одбременоста, нејзиното бебе сѐ уште е во инкубатор на одделението за интензивна нега. Често доаѓа да остави мајчино млеко.
„Доаѓам за измолзување. Кога се породив бев во шок. Сега е подобро бебето, посакуваме да биде живо и здраво и да го гледаме како прави палавштини“, изјави Зорица Божиновска, мајка на предвремено родено бебе.
Борјан и Дарјан се родиле во 29-та недела, 55 дена останале во болница. Сега се нормални деца како нивните врсници.
„Оваа зима ќе ни биде многу тешка, бидејќи станаа вистински момчиња, мислевме дека ова малку ќе доцни, но оваа зима ќе имаме повеќе работа со нив“, вели Светлана Кузмановска.
80 проценти од предвремено родените деца имаат среќен крај- велат лекарите. На Клиниката за гинекологија и акушерство, мајките имаат можност да дојат или да остават од мајчиното млеко. Важно е и кенгурирањето овој начин е извор на топлина, сигурност и љубов за новороденчето.
„Она што е интересно за нашата клиника се сесиите на кенгурирање, не затоа што ние измисливме контакт кожа на кожа туку заради тоа што токму тогаш го славиме првиот среќен заеднички на семејството“, изјави д-р Снежана Јанчевска, педијатар.
„Овозможуваме на таквото новореденче поставување на града за да цица. Нашиот успех поставување на града е кај деденце кое имаше килограм и 300 грама и цицаше кај својата мајка“, додава Тања Трајковска, акушер.
Честа причина за предвременото породување се инфекциите, лекарите апелираат идните мајки да одат на редовни гинеколошки прегледи во текот на бременоста.
„Со многу едноставна метода можеме да ги селектираме високо ризичните групи и кај нив да интервенираме со ординирање на гестагена терапија за која студиите покажале дека ја намалуваат стапката за околу 50 проценти за предвремено родени деца пред 32-та гестациска недела. Ова во земјава почна минатата година се надеваме дека резултатите ќе се покажат во идните години“, вели д-р Марија Хаџи Лега, директор на Клиниката за гинекологија и акушерство.
Околу девет проценти од сите породувања во Македонија, отпаѓа на предвремено родените бебиња. Ова е и глобален проблем. На секои пет минути предвреме се раѓа по едно бебе што е вистински предизвик за лекарите.
Андријана Атанасовска
